Неделен извештај за 23-29 октомври 2017

.

Неделен извештај за 23-29 октомври 2017

Мониторинг на пристап до човекови права и заштита на бегалци и мигранти во пограничните транзитни центри Табановце и Гевгелија

Легис е партнер организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Фондацијата ,,Ана и Владе Дивацˮ од Србија, Новосадски хуманитарен центар од Србија (NSHC Srbija) и Арбајтер Самаритер Бунд од Германија (Arbeiter-Samariter-Bund Deutschland) во проектот ,,Помош на рутата – Заштита на човекови права на бегалци и мигранти кои поминуваат низ Македонија и Србијаˮ. За таа цел, Легис располага со 6 теренски работници и 2 координатори кои дневно собираат информации и податоци за пристапот до човекови права и заштита на бегалци/мигранти во пограничните транзитни центри Табановце и Винојуг, Гевгелија. 

Овој неделен извештај претставува преглед на 12 дневни извештаи т.е. прашалници изготвени во текот на овој период:

- Број на извештаи: 12 дневни извештаи т.е. прашалници.


Вкупен број на бегалци/мигранти на коишто им е дадена помош: околу 21 бегалци/мигранти бидејќи бројот на новопристигнати лица се менува секој ден и нашите теренски работници успеаја да воспостават комуникација со речиси сите од нив во Табановце, додека бројот во Винојуг, Гевгелија  бројот на бегалци/мигранти изнесува само 3. Во текот на овој период на известување, околу 8 регистрирани лица престојуваа во Табановце, а бројот на нерегистрирани лица варираше од 16-9. Вкупниот број на новопристипгнати лица изнесува 13, 8 се од Пакистан, 4 од Авганистан, и едно лице од Иран. Сите се возрасни мажи. Не се регистрирани новопристигнати лица во Гевгелија.

Табановце, северна граница

Објекти и услови:

Транзитниот центар Табановце има објекти за привремен престој (контејнери или кабини) со задоволителни услови за греење и ладење. Сите жители на кампот имаат пристап до санитарни објекти, кујна, простори за рекреација за деца и сл. Тие добиваат по три оброка на ден. Санитарните објекти се чистат секој ден. Слободата на движење на жителите на транзитниот центар е сѐ уште органичена што значи дека истите можат да излегуваат но само доколку се придружени од вработените.

Однос на институциите кон бегалците/мигрантите:

Ги интервјуиравме новопристигнатите лица во Табановце при што ни раскажаа како патувале до Македонија и како завршиле во село Сопот. Кога влегле во Србија, и додека пешачеле некои 2 километра на српска територија, ги виделе припадници на српската полиција. Ни кажаа дека полициските службеници ги истепале со пендреци, а некои од бегалците/мигрантите претрпеле видливи телесни повреди. Откако полицијата ги фатила, ги депортирала во Македонија и бегалците/мигрантите морале да одат низ кал во лоши временски услови додека не стигнале до село Сопот, каде што ги виделе македонски полициски службеници, кои пак го повикале мобилниот тим на Црвен крст. Тимот ги пренел лицата до транзитниот центар во Табановце.

Пристап до право на азил/привремена заштита:

Сите жители т.е. бегалци/мигранти имаат пристап до правото на барање азил/привремена заштита преку Одделот за азил при Министерство за внатрешни работи и локалната невладина организација Македонско здружение на млади правници. Сепак, не се регистрирани барања за азил/привремена заштита во овој период на известување.

Пристап до услуги: здравствена нега, здравствени потреби, храна, лекови, облека итн:

Сите жители на кампот имаат пристап до основна здравствена нега, храна, лекови, облека итн. Не се пријавени никакви посебни потреби за здравствена нега. На терен секогаш е присутен медицински персонал.

Слобода на движење:

- Жителите на транзитниот центар можат да излезат само доколку се придружувани од вработените.

Гевгелија, јужна граница:

Објекти и услови:

Како во Табановце, така и во транзитниот центар во Гевгелија постојат објекти за привремен престој (контејнери или кабини) со задоволителни услови за греење и ладење. Сите жители на кампот имаат пристап до санитарни објекти, кујна, простори за рекреација за деца и сл. Тие добиваат по три оброка на ден. Санитарните објекти се чистат редовно.

Однос на институциите кон бегалците/мигрантите:

Македонската полиција на македонско-грчката граница во овој период вратила околу 69 лица[1] во Грција. Лицата што биле вратени во Грција се по потекло од Авганистан, Пакистан, Сирија, Ирак.

Пристап до право на азил/привремена заштита:

Сите жители т.е. бегалци/мигранти што престојуваат во транзитниот центар Винојуг имаат пристап до правото на барање азил/привремена заштита преку Секторот за азил при Министерство за внатрешни работи и локалната невладина организација Македонско здружение на млади правници. Сепак, не се регистрирани барања за азил/привремена заштита во овој период на известување.

Пристап до услуги: здравствена нега, здравствени потреби, храна, лекови, облека итн:

Сите жители на кампот имаат пристап до основна здравствена нега, храна, лекови, облека итн. Сепак, важно е да се истакне дека лицата имаат потреба од зголемена психосоцијална поддршка поради продолжениот престој во кампот На терен секогаш е присутен медицински персонал.

Слобода на движење:

- Жителите можат да излегуваат од транзитниот центар само во придружба на вработени од Црвен крст или Ла страда.

- Број на случаи проследени до Канцеларијата на Народниот правобранител на РМ:

/

 

[1] Бројот на вратени лица е приближен. Можно е да има повеќе, но тоа е сѐ што нашите теренски работници успеаја да дознаат за овој период.